На иницијатива на Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска се одржа заеднички појадок со стопанствениците долж булеварот „Борис Трајковски“.
– Заедно покажавме дека со искрен разговор, меѓусебна почит и волја, се наоѓа решение. Претходно постигнавме договор за експропријација и овозможивме да се доврши булеварот кој цели 30 години беше синоним за застој, неизвесност и секојдневна голгота за граѓаните. Им благодарам од срце за довербата, трпението и подготвеноста да бидат дел од оваа голема промена. Зад овие стопанственици стојат години труд, многубројни вработени и семејства чија егзистенција зависи од успешното работење на нивните компании. Нивниот придонес за Скопје е голем и наша обврска е да внимаваме на нивните потреби, да ги слушаме и да создаваме подобри услови за работа и развој. Во мене секогаш ќе имаат пријател и партнер, а во Град Скопје поддршка на која можат да се потпрат – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека по само пет месеци посветена работа, булеварот „Борис Трајковски“ е во финална фаза и дека она што со децении остануваше недовршено, се завршува пред ветениот рок до Нова година.
– За повеќе од 100.000 граѓани тоа значи безбедно движење, полесно секојдневие и достоинствено враќање дома. За стопанствениците – подобар пристап до нивните објекти и подобри услови за работа. Ова е силата на дадениот збор кога зад него стојат одговорност, работа и соработка со народот. Скопје се сака со дела – нагласи Ѓорѓиевски.
Текстот Ѓорѓиевски на појадок со стопанствениците од „Борис Трајковски“: Договорот за експропријација го отвори патот за довршување на булеварот е превземен од МАКФАКС.