Македонскиот шампион Штип УГД пристигна во Холандија, подготвен за дебито во Лигата на шампиони против Орион Старс

Македонскиот шампион Штип УГД утре ќе дебитира во Лигата на шампиони, освојувачот на двојната круна од ланската сезона и освојувач на Суперкупот на Македонија е подготвен за деби во најелитното клупско европско натпреварување.

Противник на тимот од градот под Исарот ќе биде првакот на Холандија, Орион Старс, а мечот е закажан за среда од 20 часот и ќе се игра во „СаЗа Топспортхал“ во Дутинхем.

Избраниците на шефот на стручниот штаб на Штип УГД, Кристиан Ристески се подготвени за овој голем предизвик во првото соочување кое ќе биде на гостински терен.

Македонскиот првак веќе е на холандиско тло каде ја почувствува атмосферата пред утрешниот натпревар, во позитивна атмосфера и подготвени штипјани ќе атакуваат на вториот европски триумф, откако минатата сезона имаа триумф над норвешкиот Кол Ил во Радовиш.

Дирк Спариданс е шефот на стручниот штаб на Орион Старс, кој внимателно ќе пристапи кон мечот со македонскиот првак кој е во одлична победничка форма, која беше потврдена со освојувањето на Суперкупот во Тетово над ГОК Борец од Велес.

Официјални судии за натпреварот меѓу Орион Старс и Штип УГД ќе бидат Бошко Милиќ од Австрија и Соња Симоновска од Црна Гора.

Александар Ванев, М-Нет