
Купуваат ли штипјани леб или сè почесто го приготвуваат дома? По повод Светскиот ден на лебот, 16 октомври, штипскиот пекар Николче Малинов истакна дека сè поголема е побарувачката за црн леб и леб со семиња. Дневно се продаваат од 500 до 1.000 парчиња леб, а цената на белиот леб е 35 денари. За квалитетен леб, според Малинов, најважни се квалитетните состојки, пред сè брашното и водата, но и желбата и посветеноста во производството.
,,Денес е светски ден на лебот, јас го поздравувам овој ден. Можам да кажам дека во тренд е се повеќе побарувањето на црните лебови и лебовите со семки, така да белиот леб и ние го преферираме се помалку да го произведуваме. Па во просек, еве јас ќе ви кажам, има денови и кога продаваме и по илјадници парчиња, а има и деновите и кога продаваме и по 500-600 парчиња, но тука секако се и белите пецива, малите лепчиња. Значи зборувам само за лебот. Па најважно е да имаме квалитетни продукти во него, да добиваме квалитетни состојки, како брашното, водата секако наша штипска е квалитетна, тоа го знаеме и веќе одамна и да имаме желба да произведуваме. Па, моментално, еден бел леб чини 35 денари, специјалните лебови се малку поскапи од 40-45 денари, а дневните лебови, а лебовите со повеќе видови семиња од 70 денари па нагоре“, појасни Малинов
Граѓаните велат дека поисплатливо им е лебот да го купуваат од маркет или пекара отколку да го подготвуваат дома. Дел од нив посочуваат дека домашното месење бара време и дополнителни трошоци, особено за електрична енергија, поради што сметаат дека купувањето готов леб е поисплатлива опција.
Светскиот ден на лебот се одбележува денеска, 16 октомври, со цел да се истакне значењето на лебот како основна намирница во секојдневната исхрана, а пекарите и понатаму ќе се грижат да им обезбедат на граѓаните вкусен и квалитетен леб, подготвен од квалитетни состојки и со многу посветеност.
Ева Тушевска, М-Нет