Митева: Во Клиничката болница Штип е воспоставен мултидисциплинарен кабинет за дојка

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, по повод Розовиот октомври – месец посветен на подигнување на свеста за борбата против ракот на дојката, организираше панел-дискусија под мотото „Сплотено дејствуваме за една победа повеќе“, свое обраќање имаше Марија Митева, претседателка на УЖ и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Митева информираше дека во Клиничката болница Штип е воспоставен мултидисциплинарен кабинет за дојка. Таа додаде дека иницијативата произлегла од страна на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека целта била да се обезбеди побрза, покоординирана и подостапна грижа за жените од Штип и целиот источен регион.

„Токму затоа денешниот ден во Штип има посебно значење за нас. Утрово во Клиничката болница во Штип беше воспоставен мултидисциплинарен тим односно кабинет за пациентките со рак на дојка, иницијатива која произлезе од Унијата на жени и која се роди од едно едноставно прашање: ако веќе постојат инфраструктурата, стручните луѓе и медицинските капацитети, можеме ли подобро да ги поврземе за жената да добие побрза, покоординирана и подостапна грижа? Одговорот беше едноставно – можеме. И токму тука сакам јавно да ја изразам благодарноста до министерот за здравство Сашо Клековски и до целиот тим на Министерството за здравство“, изјави Митева и додаде:

„Кога ја соопштивме идејата, немаше непотребно одлагање и бирократско префрлање на одговорноста. Иницијативата веднаш беше разбрана, прифатена и разгледана како можност нешто што веќе постои во системот да биде организирано подобро во интерес на пациентите. За мене тоа има значење многу пошироко од оваа конкретна иницијатива. Затоа што начинот на кој една институција реагира кога пред неа ќе се појави добра идеја кажува многу за здравствениот систем што сакаме да го градиме како ВМРО-ДПМНЕ“.

Митева е децидна дека УЖ на ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од внатрепартиска организација, потенцирајќи дека истата, како што кажа, мора да биде место каде искуството од теренот се претвора во политичка идеја, политичката идеја во иницијатива, а иницијативата, кога е добра и остварлива, во јавна политика.

„Не станува збор секогаш за нови згради, нови апарати или дополнителни административни структури. Понекогаш вистинската реформа е постојните капацитети да се поврзат подобро, лекарите од различни специјалности да седнат на иста маса, случајот на пациентката да се разгледува интегрирано, информациите да патуваат побрзо од неа и одлуките да се носат координирано. Тоа е суштината на мултидисциплинарниот пристап и токму тоа сакаме да го овозможиме за жените од Штип и целиот источен регион“, кажа Митева и додаде:

„Како Унија на жени сакаме да покажеме што сме иницирале, што сме промениле и кому сме му го олесниле животот. Сакам зад нас да останат механизми што функционираат, иницијативи што станале практика и политики што продолжиле да создаваат резултати и кога никој повеќе нема да се сеќава на фотографијата од денот кога биле започнати. Тоа е и причината поради која Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ја гледаме како многу повеќе од внатрепартиска организација. Таа мора да биде место каде искуството од теренот се претвора во политичка идеја, политичката идеја во иницијатива, а иницијативата, кога е добра и остварлива, во јавна политика“.

Текстот Митева: Во Клиничката болница Штип е воспоставен мултидисциплинарен кабинет за дојка е превземен од МАКФАКС.