Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница за опозициски пратенички прашања, нагласи дека Владата на ВМРО го одби предлогот на СДСМ за минимална плата од 600 евра, смисли „розова“ потрошувачка кошничка, а граѓаните секој месец се соочуваат со сè поголем јаз меѓу платите и трошоците за живот и едвај врзуваат крај со крај. Во отсуство на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Битиќи упати прашање до заменик-министерот Николче Јанкуловски, од кој побара да одговори каква финансиска алтернатива предлага Владата по одбивањето на на предлогот на СДСМ за минималната плата од 600 евра, за да може барем две минимални плати да ги покриваат основните животни трошоци.
Битиќи посочи дека податоците за синдикалната минимална кошница јасно покажуваат колку е влошена куповната моќ на граѓаните. Во ноември 2023 година, за покривање на синдикалната кошница биле потребни 2,2 минимални плати, додека а во септември 2026 година се потребни 2,7 минимални плати, односно 3,26 минимални плати доколку се пресмета и киријата.
„Септемвриската кошница од 69.432 денари бара 2,7 минимални плати од 26.046 денари, а со кирија таа бара 3,26 минимални плати. Значи, две минимални плати оставаат недостиг од 17.340 денари месечно за покривање на основните трошоци, и тоа без киријата. Само храната и пијалаците чинат 25.259 денари, односно 97% од една минимална плата“, рече Битиќи.
Тој предупреди дека дури и кога инфлацијата забавува, тоа не значи дека животот поевтинува и дека граѓаните ја враќаат претходно изгубената куповна моќ. Цените на храната продолжуваат да растат, а товарот најмногу го чувствуваат домаќинствата со најниски приходи.
„Во 2025 година храната поскапе за 5,2%, што е 1,1 процентен поен над тогашната општа инфлација од 4,1%. Во септември годинава инфлацијата изнесуваше 2,7%, но храната дополнително поскапе за 0,5% само за еден месец. Но, побавното поскапување не ја врати претходно изгубената куповна моќ“, рече Битиќи.
Притоа Битќи посочи дека одбивањето на поредлогот на СДСМ за минимална плата од 600 евра дополнително го срозува животниот стандард. Наместо конкретни мерки за зголемување на приходите на работниците, Владата не понуди решение со кое семејствата би можеле достоинствено да ги покриваат основните месечни трошоци.
„И овој надолен тренд на пад на животниот стандард го забрзаа вашите сопартијци и коалициски партнери во Собранието, кои го одбија нашиот предлог за минимална плата од 600 евра“, рече Битиќи.
Тој додаде дека пресметката на Министерството за економија, кое објави просечна потрошувачка кошница за август во износ од 58.475 денари, што е за 10.200 денари помалку од синдикалната кошница за истиот месец, е само „розова“ математика која не им помага на граѓаните.
„Министерството за економија одлучи да прави пресметки со некои „розови“ математики и во јавноста претстави просечна потрошувачка кошница за август од 58.475 денари, што е за 10.200 денари пониска од синдикалната за истиот месец. И според неа, две минимални плати се недоволни, односно недостигаат 6.383 денари. И оваа „посебна“ просечна потрошувачка кошница покажува колку се потрошило, без самата по себе да утврди дали потребите се достоинствено задоволени“, рече Битиќи.
Битиќи нагласи дека мерката за животниот стандард не може да биде само статистиката за потрошувачката, туку реалната можност на граѓаните да ги задоволат основните потреби и порача дека Владата треба да понуди конкретна финансиска алтернатива наместо да го отфрла предлогот за повисока минимална плата без да обезбеди решение за растечките трошоци.
Текстот (Видео) Битиќи до Јанкуловски: Како ќе им помогнете на граѓаните откако го одбивте нашиот предлог за 600 евра минимална плата? е превземен од МАКФАКС.