
Со молитва, надеж и вера во Божјата закрила, Ново Село во Штип денеска живее во знакот на еден од големите Богородични празници – Покровот на Пресвета Богородица. Уште од раните утрински часови, верниците се упатија кон црквата посветена на Мајката Божја, барајќи здравје, мир и благослов за себе и своите најблиски. Празникот, кој со векови ја симболизира мајчинската љубов и небесната заштита, повторно ги обединува верниците во заедничка молитва и ја потврдува силата на верата пред сите животни искушенија.
Пресвета Богородица, граѓаните ја чувствуваат и чествуваат секој ден, не само денеска.
Инаку, празникто Покров на Пресвета Богородица се празнува секогаш на 14 октомври, менува ден, но никогаш датум. На овој ден граѓаните си спомнуваат за чудото кое се случило во 10 век во црквата во Цариград, ширејки го својот покрив – наметка – над верниот народ, симболично покривајќи ги сите со својата милост, заштита и мајчинска грижа.
Во време на предизвици, овој празник потсетува: каде што е Богородица – таму е и утехата, тивката сила и надежта, бидејќи таа е радоста на нажалените, утехата и засолниште на немоќните, прибежиште на вдовците на сиромашните, сенадежна утеха на навредените, силна на беспошните и брзопослушница на сите страдални.
Ева Тушевска, М-Нет