
Основното јавно обвинителство Кочани побара определување притвор за Ива Михаилова, обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, откако било утврдено дека не се наоѓа на домашната адреса и не ја исполнила обврската за јавување пред надлежните органи.
Михаилова на 12 октомври се појави во бугарските медиуми, каде што соопшти дека се наоѓа во Бугарија, и покрај мерките за обезбедување нејзино присуство во судската постапка што се води против неа во Македонија.
Таа е обвинета за сообраќајна несреќа што се случила на 7 октомври 2025 година и во која имало смртни последици. Во рамки на постапката, судот претходно ѝ определил повеќе мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за напуштање на државата и на Кочани, задолжително повремено јавување во судот и одземање на македонскиот и бугарскиот пасош.
Михаилова барала да ѝ биде вратен пасошот за да замине на лекување во Бугарија, но судот не го прифатил барањето. И Обвинителството претходно се изјаснило против враќањето на документите, повикувајќи се на опасноста од бегство.
МВР соопшти дека нема евидентиран излез на Михаилова од Македонија, ниту легален влез во Бугарија, што е спротивно на нејзините тврдења дека ја преминала границата со лична карта.
ОЈО Кочани побара притвор откако судот известил дека Михаилова не е пронајдена на домашната адреса и не се јавила согласно определените мерки. Сега останува да се разјаснат околностите под кои таа заминала во Бугарија.
Ева Тушевска, М-Нет