
Утре се празнува Покровот на Пресвета Богородица, меѓу народот познат и како Покровита Богородица, празник посветен на заштитата и застапништвото на Богородица над верниците.
Според православното црковно предание, празникот е поврзан со настан во Влахернската црква во Цариград, каде што, според житието на свети Андреј Јуродив, Пресвета Богородица се јавила за време на молитва и го раширила својот покров над собраниот народ, симболизирајќи ја својата заштита и грижа за христијаните.
Празникот особено се развил во руската православна традиција, каде што неговото празнување се утврдило во дванаесеттиот век. Се одбележува на 1 октомври според јулијанскиот календар, односно на 14 октомври според граѓанскиот календар.
Покровот на Пресвета Богородица во православната духовност е симбол на мајчинската љубов, утехата и надежта. Верниците ѝ се обраќаат на Богородица со молитви за здравје, мир, семејна слога и благосостојба, барајќи ја нејзината закрила за себе и за своите најблиски.
Празникот потсетува на значењето на верата, молитвата и милосрдието, како духовни вредности што им даваат сила и надеж на луѓето во секојдневниот живот.
Иван Митев, М-Нет