
Нема промени на врвот од табелата во Втората македонска фудбалска лига, седмото коло донесе тренерска оставка, еден меч заврши без голови, дури четири средби завршија без победник
Двете дербија завршија со делба на бодовите. Во Струмица под рефлектори некогашните прволигаш Беласица и Пелистер одиграа 0:0 и ги поделија бодовите, меч од кој најмногу доби Охрид кој го задржат врвот.
Шансите во Струмица не ги користеа и двете екипи, а мечот кој го следевте во живо на М Нет телевизија донесе делба на бодовите. Охрид, пак, на домашен терен одигра 2:2 против Брера Струмица, за охриѓани овој бод е голем, бидејќи до истиот стигнаа со по негатива од 0:2 и со играч помалку на теренот од самиот почеток на натпреварот.
Осогово и Еуромилк ГЛ одиграа 1:1 и ги поделија бодовите, резултат со кои и двете екипи не се задоволи, мечот го следевте во живо на М Нет телевизија, а по истиот, Крсте Крстев си поднесе оставка, со што Осогово ќе мора да бара нов тренер, а пак Љупчо Димовски дебитираше со реми на клупата на тимот од Горно Лисиче.
Реми имаше и во Радовиш каде Детонит Плачковица и Кожуф одиграа 1:1, натпревар каде исто така ремито не е посакуван епилог и за двете екипи.
Голем триумф забележа Тетекс кој со 1:4 славеше на гостувањето кај Новаци, сега „штофарите“ имаат три важни бодови за прегрес на табелата. Работнички го имаше најубедливиот триумф откако со 5:1 го декласираше дебитантот Камјани, додека пак Македонија ЃП со минимални 0:1 славеше над „фенерџијата“ Шкупи во гости.
Пополека веќе се прави пресек околу екипи кои се одвојуваат во горниот дел од табелата. Охрид е на врвот со 16 бодови, а пак Пелистер и Работнички го делат третото место со по 15 бодови, додека пак Брера Струмица е на четвртото место со 14 бодови, со тоа што Работнички и Брера имаат меч помалку, а тој нивен меѓусебен дуел од 5. коло може да направи промени.
Беласица со пет последователни ремија го држи петтото место со 11 бодови, пет помалку од челната позиција, а пак Македонија ЃП и Камјани со по десет бодови го делат шестото место.
Останатите екипи имаат едноцифрен број на освоени бодови. Тетекс е на осмото место со девет бодови, Детонит Плачковица и Кожуф го делат деветтото место со по осум бодови, а пак Новаци е на 11. место со седум бодови.
Во зоната за директно испаѓање е Еуромилк ГЛ со пет бодови, Осогово е претпоследен со три бодови, а на дното е Шкупи како единствен тим без бодови.
Александар Ванев, М-Нет