Вардар со фудбалска драма до победа: Закариќ го сруши Скопје во 93. минута!

Фудбалерите на Вардар стигнаа до голема победа на гостувањето кај Скопје, откако со пресврт и гол во судиското продолжение славеа со 2:1 во натпреварот од 9 коло на ПМФЛ.
„Црвено-црните“ долго време беа во негатива, но покажаа карактер и не се откажаа од освојувањето на трите бода, кои на крајот ги обезбедија на драматичен начин.
Скопје го отвори резултатот во 26. минута преку Ангелов, па домаќините заминаа на пауза со предност од 1:0. Вардар во второто полувреме тргна по израмнување, а притисокот вроди со плод во 59. минута, кога Закариќ погоди за 1:1.

По израмнувањето, гостите продолжија да напаѓаат и да ја бараат победата. Кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши без победник, на сцена повторно стапи Закариќ.
Во 93. минута, во самиот финиш на средбата, тој го постигна својот втор гол и донесе огромна радост за Вардар, комплетирајќи го пресвртот за конечни 1:2!
Статистиката ја потврдува иницијативата на Вардар, кој имаше 75 проценти посед на топката и упати 16 удари кон голот на противникот, наспроти шесте обиди на Скопје.
На крајот, упорноста на Вардар се исплатеше, а Закариќ се претвори во апсолутен херој на натпреварот, со два гола и победа обезбедена во последните моменти од дуелот.