„Би дал сè од себе да ја решам секоја мака на народот“, вели Мицкоски

„Секој ден легнувам и станувам со прашањето дали успеваме и дали можеме подобро“, изјави премиерот Христијан Мицкоски, говорејќи за предизвиците со кои се соочува Владата, состојбата во државата и очекувањата на граѓаните, за време на чествувањето на 11 Октомври.

Мицкоски призна дека е тешко да се одговори на сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните и дека секојдневно размислува дали Владата прави доволно.

„Точно е дека е многу тешко, иако гласно не зборувам за тоа што го сочувствувам со секоја тешка судбина која ја слушам низ разговори, или медиуми. Би дал сè од себе за да можам да го решам секое прашање и мака којашто ја има народот. Сигурен сум дека може повеќе“, рече премиерот.

Тој истовремено изрази уверување дека Владата постигнува резултати, нагласувајќи дека, според него, се вложуваат максимални напори за спроведување реформи и подобрување на состојбите.

„Но исто така, сигурен сум дека успеваме и го даваме последниот атом од силата да направиме многу повеќе, да донесеме ред во безредието, да донесеме реформи во хаосот што го затекнавме, да подигнеме цврст дом на темелите кои одново ги зидавме, и во таа наша борба резултатите почнуваат да стануваат видливи“, изјави Мицкоски.

Премиерот оцени дека Владата работи во исклучително тешки услови, за кои ги посочи наследените проблеми во институциите и актуелните глобални кризи.

Текстот „Би дал сè од себе да ја решам секоја мака на народот“, вели Мицкоски е превземен од МАКФАКС.