МВР доби 33 нови мотоцикли за сообраќајната полиција, Тошковски дециден оти се зајакнуваат полициските капацитети

33 нови полициски мотоцикли и комплетна опрема денеска доби сообраќајната полиција при МВР. Заедно со мотоциклите се обезбедени и заштитни кациги, јакни, панталони, чизми и летни и зимски ракавици.

Набавката е во вредност од над 16,8 милиони денари, а средствата ги обезбеди Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Надлежните велат дека со новата опрема ќе се зголеми мобилноста на полицајците и ќе се овозможи поефикасно регулирање и контрола на сообраќајот.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска беше на официјалното предавање на мотоциклите, рече дека набавката е уште еден резултат од соработката меѓу МВР и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата , со заедничка цел – поголема безбедност во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви.

Тој нагласи дека модернизацијата на сообраќајната полиција е дел од поширокиот пристап на Министерството за унапредување на сообраќајната безбедност, во кој значајно место има и системот „Безбеден град“. Кажа дека со проектот ‘Безбеден град’ како министерство покажале дека современите технологии, доследното спроведување на законите и одговорното однесување на граѓаните можат да донесат вистински промени во сообраќајната култура.

Горан Ангеловски, претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, истакна дека Советот и оваа година, во рамки на своите законски надлежности, издвојува средства за модернизација и опремување на организациските единици на МВР задолжени за контрола и регулирање на сообраќајот.

Инаку, за обете институции, велат дека целта им јасна – помалку сообраќајни незгоди, помалку повредени и загинати и повеќе спасени човечки животи.

Иван Митев, М-Нет