Се знаат и се почитуваат ли детските права, топол дом, радост и игра за секое дете, велат штипјани

Ги знаат ли децата своите права и колку се почитуваат нивните основни потреби? На терен ги прашавме граѓаните колку се запознаени со детските права по повод Светската недела на детето. Штипјани велат оти секое дете заслужува да расте во топол дом, со игра, забава и безгрижно детство. Но, според нив, новите генерации имаат и повеќе права и можности, па затоа особено важни се воспитувањето и поставувањето граници. Иако децата имаат свои права, додаваат анкетираните, тие треба да знаат дека имаат и обврски – да ги почитуваат родителите, наставниците и правилата.

Дел од анкетираните велат дека денес нема кој доволно да им поведе сметка на децата и дека тие често се повикуваат на своите права, додека други сметаат дека детето, пред сè, е само дете и не може да одлучува за сè.

Штипјани по повод Светската недела на детето која се одбележува првата седмица од месец октомври им испратија пораки на сите дечиња да бидат среќни и да имаат безгрижно детство.

Инаку, секоја година со активности, игри и работилници посветена на најмалите се одбележува детската недела, за поттикнување за почит кон децата и детските права оти тие се нашата иднина.

Ева Тушевска, М-Нет