Гувернерот Славески со македонскиот тим од Меѓународната економска олимпијада

„Народната банка е посветена на финансиска едукација и инклузија на младите зашто вложувањето во нивните знаења и вештини е инвестиција во развојот на државата“, порача гувернерот на Народната банка Трајко Славески на денешната средба со македонските средношколци кои учествуваа на 9. меѓународна економска олимпијада, што се одржа во Шенжен, каде што беше освоен бронзен медал.

Славески посочи дека македонските учесници на Олимпијадата се вистински амбасадори на македонското знаење и пример за своите врсници, како и силен поттик за понатамошно вложување во знаењето и развојот на човечкиот капитал.

„Добро информираните и финансиски писмени млади се важен предуслов за стабилна и просперитетна економија. Средношколците, кои денес со своите знаења ја претставуваат нашата земја на меѓународната сцена, утре ќе бидат носители на иновации, претприемаштво и економски развој“, истакна Славески.

Гувернерот му честита на целиот национален тим за покажаното високо ниво на знаење во конкуренција од 260 натпреварувачи од 56 земји и посочи дека постигнатиот успех е резултат на посветеноста и знаењето на секој од неговите членови. Воедно, тој го нагласи успехот на Теа Ангелова, ученичка во втора година во Меѓународното училиште „НОВА“ во Скопје, која освои бронзен медал, како и второ место на Говори на младите во рамките на ИЕОкс (англ.IEOx Youth Talks), потенцирајќи дека ваквите резултати се потврда дека вложувањето во знаењето и талентот на младите е најважната инвестиција во иднината на земјата.

Како дел од националниот тим, своите знаења на Олимпијадата ги покажаа и учениците Ванеса Томова од ПСУ „Јахја Кемал“ Скопје (прва година), Оливера Џамбазова од СУГС „Орце Николов“, Скопје, (втора година), Стефан Младеновски од СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија (трета година) и Георги Јаковлев и ПСУ „Јахја Кемал“, Струга, (трета година). Нивни ментори за подготовките и во текот на Олимпијадата беа проф. д-р Анета Гацовска Барандовска и ас. м-р Стево Ѓоргиев од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

На средбата, учениците ги споделија своите искуства од натпреварот, на кој решаваа сложени економски проблеми, покажаа висок степен на финансиска писменост и презентираа бизнис-план. Тие се заблагодарија за поддршката од Народната банка, која се вклучи во подготвителните активности преку предавања и надградба на нивните знаења и нагласија дека оваа поддршка е дополнителен мотив за нивно понатамошно академско и професионално усовршување.

Народната банка, како дел соработката со Сојузот на математичари, четврта година по ред учествува во подготовките на македонските средношколци за учество на Меѓународната економска олимпијада, преку стручни и едукативни активности од областа на економијата, финансиите и банкарството.

Текстот Гувернерот Славески со македонскиот тим од Меѓународната економска олимпијада е превземен од МАКФАКС.