Во Собранието, на 5 октомври 2026 година, се одржа едукативната активност „Имам став!“, со која беше одбележан Светскиот ден на наставниците и започна новата сезона на програмата. На настанот учествуваа пратеничките Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, Сања Лукаревска од СДСМ и пратеникот Амар Мециновиќ од Левица, како и преку 30 наставници од дваесетина средни училишта.
Настанот го отворија Златко Атанасов, раководител на Парламентарниот институт, и Иванка Василевска, претседателка на Комисијата за образование, наука и спорт.
Во симулацијата учествуваа ученици од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ од Скопје, победници од претходната сезона на „Имам став!“. Преземајќи ја улогата на пратеници, учениците дискутираа на темите ментално здравје, булинг и невработеност, со фокус на предизвиците со кои се соочуваат младите. Организирани во три групи, тие ги претставија своите ставови и предложени решенија во симулирана парламентарна расправа, покажувајќи вештини за јавно говорење, аргументирање и почитување на различните мислења.
Тројцата пратеници дадоа повратни информации за ученичките настапи и го истакнаа квалитетот на дебатата и предложените решенија. „Да се говори значи да се има став. Да се има став е право на секоја една човечка индивидуа“, рече пратеничката Василевска, нагласувајќи го значењето на слободното изразување и правото на сопствено мислење.
Пратеничката Лукаревска истакна дека Собранието ќе ги земе предвид предложените решенија, со оглед на квалитетот на нивната изработка и дискусијата преку која беа претставени.
Пратеникот Мециновиќ оцени дека, без никаква доза на ласкање, ја проследил најдобрата дебата на која присуствувал во текот на десетте години на „Имам став!“.
По ученичката симулација, програмата продолжи со дискусија со наставниците за реализацијата на активноста, нивната улога во подготовката на учениците и можностите за натамошна соработка со Собранието. Средбата овозможи размена на искуства и предлози за новата сезона на програмата.
Одбележувањето на Светскиот ден на наставниците беше и можност да им се оддаде признание за нивниот придонес во развојот на критичкото размислување, самостојното изразување и активното граѓанство кај младите. Со својата посветеност, наставниците создаваат простор во кој учениците учат да поставуваат прашања, да формираат ставови и да ги застапуваат со аргументи.
Преку „Имам став!“, Собранието продолжува да се доближува до младите и ја зајакнува демократската култура преку непосредно искуство, дијалог и соработка со училиштата.
Текстот „Да се говори значи да се има став“ – со ученичка дебата во Собранието одбележан Светскиот ден на наставниците е превземен од МАКФАКС.