
Второлигашот Еуромилк ГЛ доби нов шеф на стручниот штаб. Клубот официјално потврди дека искусниот тренер Љупчо Димовски ја презема екипата и ќе го предводи тимот во продолжението од сезоната.
Димовски зад себе има богата тренерска кариера, со ангажмани во повеќе македонски клубови, меѓу кои Вардар, Металург, Балкан, Скопје, Кожув, Тетекс и Хоризонт, а работел и во Грција, каде што бил дел од стручните штабови на Касторија, Јанина, Кавала, Пиерикос и Трикала.
Новото име на клупата на Еуромилк ГЛ има и богата играчка кариера. Како голман, Димовски настапувал за повеќе реномирани македонски клубови, меѓу кои Вардар, Металург, Тетекс, Победа, Беласица и Работнички.
Од Еуромилк ГЛ очекуваат неговото искуство, знаење и професионален однос да донесат дополнителен квалитет во работата на екипата и да бидат значаен придонес во продолжението од сезоната.
Воедно, клубот му се заблагодари на досегашниот шеф на стручниот штаб Јован Трајков за досегашната работа, посветеност и придонес во развојот на екипата, со желба за успех во понатамошната кариера.
Со нов тренер на кормилото, Еуромилк ГЛ влегува во нова етапа од сезоната, со амбиција преку искуството на Димовски да стигне до подобри резултати и нови успеси.