
По 50 ти пат, родителите на загинатите од дискоетката Пулс в сабота излегуваат повторно на марш низ улиците на Кочани. Именуван исто како и досега, маршот за ангелите ќе започне во 17:05 минути од паркот на Револуцијата. Како што соопштуваат од здружението на граѓани 16 март 2025 година Кочани, по педесет рочишта, родителтие се уште чекаат во неизвесност, па затоа и натаму бараат вистина, одговорност и правда за нивните 63 ангели. И овој пат велат дека ќе чекорат се додека правдата не добие име и одговорност.
„Во сабота, 3 октомври 2026 година, во 17:05 часот, од Паркот на Револуцијата, повторно ќе чекориме за нашите 63 ангели. Педесет марша. Педесет судски рочишта. Педесет пати на улица и во судница – со истата болка, истите прашања и истото барање: вистина, одговорност и правда. По педесет рочишта, сè уште чекаме – во неизвесност и исчекување на одлуката.
Но нашата истрајност е посилна од секое одолговлекување. Не се откажуваме. Нема да замолчиме. Ќе чекориме за оние што повеќе не можат да зборуваат. Ќе чекориме сè додека правдата не добие име и одговорност.“, соопштуваат од здружението
Инаку, трагедијата, која се случи лани на 16 март, одзеде 63 животи, а околу 200 беа повредени и транспортирани на лекување во и надвор од државата. Од тогаш до денес, родителтие речиси секоја сабота одржуваат марш, низ кој ја бараат правдата за нивните ангели.
Иван Митев, М-Нет