Перфектен старт на штипските ракометари: Текстилец УГД го декласираше Партизан за три од три

Текстилец УГД игра во фантастична форма и на стартот од сезоната има три од три, за прво место на табелата во Првата ракометна игра со максимален број на освоени бодови, односно шест.

Штипјани на домашен терен со убедливи 43:31 го декласираа Партизан за голема радост на спортската ракометна јавност во градот под Исарот. По само десет минути игра во „Тошо Арсов“, ракометарите на Текстилец УГД направија солидна разлика и веќе беше практично решено недозволувајќи му на противникот ниту на момент да дојде до ситуација да го загроши водството на домашниот тим.

Кирил Миленков со осум гола беше прво име кај Текстилец УГД, а го следеа Филип Џинес и Лазар Стојанов со по седум гола. Кај гостинската екипа Димитар Атанасов имаше осум гола, а пак седум постигна Илија Пејковски.

Тежок пораз претрпе дебитантот Сокол Саса откако на домашен терен во Македонска Каменица загуби од Вардар Неготино со неверојатни 29:50. Поранешниот суперлигаш буквално како на тренинг натпревар лесно стигна до голема победа. Костадин Петров имаше 14 погодоци за тимот од Неготино, за домашниот тим Мирче Ѓеоргиев постигна 18 гола.

Радовиш никако да победи во Првата лига, откако ремизираше со Пролет играјќи 29:29 во дерби меч на ланските суперлигаши. Радовишани беа на чекор од прва сезонска победа, но на крај останаа без истата и мораа да се задоволат со реми.

Штипјанецот Васе Петров постигна десет гола за Радовиш, за Пролет седум гола имаше Јован Соколоски.

Драчево Јуниор на домашен терен со убедливи 33:25 го доби Овче Поле од Свети Николе, додека пак Преспа се израдува на првата сезонска победа совладувајќи го Шампион со 30:17.

Аеродром на домашен терен дојде до висока победа откако го доби Илинден со резулта од 40:31, а пак Јехона претрпе домашен проаз од Македонија ЃП со 23:35.

На врвот од табелата по три кола со максимален ефект е тимот на Текстилец од Штип со шест бода, пет бода има Пролет кој е втор, а пак по четири бодови имаат Македонија ЃП, Аеродром, Драчево Јуниор и Партизан. Три бода има Вардар Неготино, а по два бода имат Преспа, Илинден, Јехона, Радовиш, Овче Поле и Шампион, а без бодови е Сокол Саса од Македонска Каменица.

Александар Ванев, М-Нет