
Официјално започна со работа Истражниот центар во Основното јавно обвинителство Штип. Почетокот на работата го означи државниот јавен обвинител Ненад Савески, кој посочи дека центарот треба да им помогне на обвинителите во истрагите и во собирањето докази. Особено ќе се користи при истраги поврзани со финансиски и економски криминал. Со отворањето на центарот во Штип, во земјава сега има вкупно шест вакви центри. Савески информираше дека штипскиот центар веќе ги има започнато првите активности.
,,Истражниот центар во ОЈО Штип веќе ги има првите активности, за што подетално ќе бидете запознаени.
Јас денес би сакал да се осврнам малку повеќе на важноста на истражните центри ширум целата наша држава, односно истражните центри за јавните обвинителства коишто веќе стартуваат со својата работа и резултати секако покажуваат во обвинителствата.
Имено, Истражниот центар во ОЈО Штип всушност е шести истражен центар. Постојат истражни центри во ОЈО Скопје, Тетово, Куманово, Битола и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Праксата покажува дека истражните центри стануваат вистински јадра на истражната дејност на обвинителствата каде што тие функционираат.
Директната континуирана комуникација меѓу јавните обвинители и истражителите во моментите кога постапуваат по предметите и прибавуваат докази, значително ја олеснува работата на јавните обвинителства. Истражните центри овозможуваат олеснето водење на финансиски истраги, а особено се ефикасни во постапувањето на предмети од, како што споменав, финансиски и економски криминал, затоа и нивната искористеност е премногу голема.“, вели
Во Истражниот центар во Штип треба да работат четворица истражители, а во моментов има двајца. Од ОЈО Штип велат дека тие веќе активно работат на предметите, а се очекува да се пополнат и преостанатите две места.
“Ни требаат дваесетина квалитетни истражители на кои можеме да им ветиме средина во која навистина ќе можат да ги реализираат нивните капацитети, да ги искористат на најдобар можен начин во функција на правото и правдата. Посакувам овој Истражен центар во ОЈО Штип да има исто така успешна работа во периодот којшто претстои, за кратко време да се пофалиме и со значителни резултати.“, вели Савески
Од ОЈО Штип велат дека со двајцата истражители работата се одвива на сосема задоволително ниво. Истражителите постапуваат по наредбите на обвинителите, меѓу другото, при вршење увиди, одземање документација и разговори со оштетени и осомничени лица.
Иван Митев, М-Нет