(Фото) Сиљановска-Давкова: Со љубов многу нешта можат да се надминат, ублажат или подобрат

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер, во Народната канцеларија во Скопје се сретна со лицата со Алцхајмерова болест и членовите на нивните семејства на настанот „Алцхајмер Матине – она што останува: љубов, емоција, емпатија“, организиран од Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука, по повод месецот на Алцхајмеровата болест.

На настанот присуствуваа и се обратија и министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за здравство Сашо Клековски и претседателката на Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука, проф. д-р Габриела Новотни.

Во своето обраќање, претседателката најпрво им посака добредојде на лицата со Алцхајмерова болест во Народната канцеларија, како дом на граѓаните и им изрази благодарност на нивните најблиски за грижата за нив.

Таа го сподели искуството на колешка и нејзина инспирација во правната професија од Швајцарија, која, и покрај Алцхајмеровата болест, отворено и гласно застанала на македонската страна, бранејќи ги правото, правдата и етиката.

Укажувајќи на огромниот напредок на медицината во справувањето со оваа болест, претседателката сепак ја истакна важноста на подршката на блиските со кои болниот може да ги сподели болката и надежта.

„Зборот, насмевката, звукот, гестот, љубовта, со еден збор, имаат незаменливо лековито дејство“, истакна претседателката.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска рече дека на настанот не дошла како министерка, туку како човек кој одблизу се соочил со болеста. Споделувајќи го личното искуство со сопругот, зборуваше за тешките моменти низ кои поминуваат болниот и неговите најблиски. Таа изрази поддршка за лицата и семејствата кои се соочуваат со болеста, нагласувајќи дека и во иднина ќе биде со нив и ќе ги поддржува.

Министерот за здравство, Сашо Клековски ја истакна потребата од долгорочна грижа за лицата со деменција и поголема институционална поддршка за нивните семејства, посочувајќи на новите можности за третман и забавување на болеста.

„Мораме сè повеќе да размислуваме како да им овозможиме нституционална поддршка на семејствата, за овој период од животот подобро да го организираат и пребродат“, рече Клековски, изразувајќи поддршка за напорите на лекарите и здравствените работници во подготовките за подобра грижа за сите.

Претседателката на Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука, проф. д-р Габриела Новотни, ја нагласи потребата од рана и навремена дијагноза, современа терапија и организирана грижа по поставувањето на дијагнозата. Таа посочи дека Aлцхајмеровата болест не го засега само лицето со дијагноза, туку целото семејство, кое честопати останува само во справувањето со бројните предизвици.

„Ако ги обединиме науката, добрите темели во здравството и образованието и ако на сето тоа додадеме љубов, човечност и емпатија, сигурна сум дека ќе направиме систем во којшто сите семејства кои се соочиле со деменцијата ќе живеат малку подобар живот и покрај болката и страдањето што ги носи болеста“, порача Новотни.

Настанот беше можност да се истакне значењето на поддршката за лицата со Алцхајмерова болест и нивните семејства, како и потребата од поголема општествена свест, разбирање и солидарност.

Текстот (Фото) Сиљановска-Давкова: Со љубов многу нешта можат да се надминат, ублажат или подобрат е превземен од МАКФАКС.