Уписот на првачиња ќе трае до крајот на септември, годинава 1.300 помалку од лани

Годинава во основните училишта има 1.300 првачиња помалку во споредба со минатата година. Според министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најголем дел од падот се должи на намалениот наталитет, а во мал дел и на иселувањето на граѓаните.

„Оваа година, за разлика од минатата, имаме точно 1.300 првачиња помалку. Во 2020 година, кога се родени децата што сега со шест години тргнуваат на училиште, имало 800 помалку раѓања. Тоа значи дека разликата е уште 500 првачиња“, рече Јаневска.

Таа посочи и дека Правилникот за упис на ученици во прво одделение не се почитува доследно и дека сите ученици требало уште во мај и јуни да бидат запишани и внесени во електронскиот дневник.

„До последниот ден од септември ќе вршиме упис на ученици. Можно е оваа бројка уште малку да се намали“, рече министерката.

Јаневска додаде дека, освен намалениот наталитет, на бројот на првачиња во помал обем влијаат и иселувањето од државата, како и други, како што рече, несакани случувања.

Текстот Уписот на првачиња ќе трае до крајот на септември, годинава 1.300 помалку од лани е превземен од МАКФАКС.