СДСМ го повика Обвинителството да отвори истрага за 5,5 милиони евра за прославата

СДСМ бара Јавното обвинителство да отвори истрага за трошењето 5,5 милиони евра за прославата на Денот на независноста и да утврди како биле носени одлуките и како биле трошени парите преку Државната лотарија.

На денешната прес-конференција, Кети Штерјова од СДСМ рече дека Владата ги крие одлуките, договорите, анексите, фактурите и исплатите поврзани со прославата.

„Сега Јавното обвинителство мора веднаш да отвори истрага, да ја обезбеди целокупната документација и да го следи текот на парите и начинот на кој се носеле одлуките“, рече Штерјова.



Според СДСМ, Владата ѝ наложила на Државната лотарија да ја организира и финансира прославата, поради што партијата прашува дали постои одлука на Собранието на акционери и кој орган одобрил да бидат потрошени повеќе од 300 милиони денари.

Штерјова се осврна и на јавниот повик, за кој рече дека траел пет работни дена и дека била доставена само една понуда. Таа посочи дека повикот завршил на 8 мај, а три дена подоцна веќе бил најавен настапот на Дејвид Гета.

 

Текстот (Видео) СДСМ го повика Обвинителството да отвори истрага за 5,5 милиони евра за прославата е превземен од МАКФАКС.