Ултра од Штип во победнички ритам: Шест подиуми на Чупино и Голак Треил

Членовите на тимот Ултра од Штип имаа фантастични настапи во изминатите два викенда, со серија одлични резултати на планинските трки во Виница и Делчево.

На 30 август, на „Чупино Треил“ во Виница, следуваше целосна доминација на Ултра во машка конкуренција на трката на 16 километри. Штипски тим ги освои сите три места на победничкиот пиедестал, а прв низ целта пристигна Ибраим Мамудов, пред Благој Веселинов и Кристијан Киров.

Успесите продолжија и изминатиот викенд на планината Голак во Делчево, каде по втопат се одржа „Голак Треил“, со две различни трки.

На пократката трка од 13 километри со 500 метри искачување, повторно блесна Ибраим Мамудов, кој стигна до првото место, додека Благој Веселинов повторно се најде на подиумот, овојпат како третопласиран.

На големата трка од 33 километри со 1.350 метри искачување, пак, во центарот на вниманието беа дамите од Ултра. Во женска конкуренција штипскиот тим освои второ и трето место. По исклучителна тесна трка, Бојана Стефанова заврши на третата позиција, додека новата членка на Ултра, Јована Софрониевска, го освои второто место.

Со одличната форма и резултатите од последните две трки, тимот од Штип со голем оптимизам го очекува следниот предизвик.

Веќе претстојниот викенд на програмата е Љуботен Скај Рејс, трка долга 23 километри, која е дел од националната лига. Посебно внимание ќе биде насочен кон Кристијан Киров, кој моментално се наоѓа на второто место во генералниот пласман, а до крајот на сезоната ќе се обиде да ја задржи позицијата во топ три.

За штипска Ултра следува нов планински предизвик, но резултатите од претходно јасно покажуваат тимот е во одлична форма.

Александар Ванев, М-Нет