Иван Бојаџиски од Штип одбележува 65 години новинарска кариера: „Најубавата професија на светот ми го обележа животот“

Новинарот Иван Бојаџиски од Штип денес одбележува исклучителен професионален јубилеј – 65 години новинарска кариера.
На 9 септември 1961 година, во тогашната Памучна индустрија „Македонка“, Бојаџиски го добил своето прво професионално решение за работа во новинарството. Тогаш имал само 18 години, 8 месеци и 5 дена, но од тој ден започнала кариерата која ќе остави длабока трага во македонското новинарство.
За шест и пол децении работа, Бојаџиски бил дел од 21 медиум, работејќи во весници, телевизии, а во поново време и во интернет-портали. Сепак, неговиот најдолг професионален период е поврзан со синдикалниот весник „Трудбеник“, каде што поминал дури 35 години.
Зад него стои огромен новинарски опус од околу 25.000 објавени текстови, кои денес се дел од архивите на весниците во националните библиотеки.
Во текот на кариерата, како што самиот вели, се соочувал и со обиди за дисквалификација од професијата, но поддршката од уредниците и нивниот однос кон неговата работа биле причина да продолжи да го следи својот професионален пат.
Бојаџиски оставил свој придонес и во развојот на новинарската професија и медиумските институции. Бил повеќекратен член на Претседателството на Здружението на новинарите на Македонија, а во Македонската радио-телевизија бил член на Советот и претседател на Програмската комисија. Во 1984 година бил и делегат на Изборното собрание на Сојузот на новинари на Југославија во Сараево.
За својата долгогодишна професионална работа добил 13 новинарски награди, меѓу кои и престижната награда за животно дело во македонското новинарство во 1997 година.
И покрај бројните признанија, Бојаџиски посочува дека досега нема добиено признание од градот во кој живее и работи – Штип.
Јубилејот од 65 години професионална новинарска кариера, Бојаџиски најавува дека ќе го одбележи со посебна свеченост. Датумот, часот и местото дополнително ќе бидат објавени, а поканети ќе бидат сите оние кои сакаат заедно со него да одбележат, како што вели, јубилеј каков што досега немало во Македонија.
Шест и пол децении посветени на една професија, илјадници текстови, бројни медиуми, награди и професионални предизвици – приказна која сведочи за еден живот целосно посветен на новинарството.
Честитки за големиот јубилеј, Иван Бојаџиски!