Спектакл во Охрид: Пелистер се спаси во последната секунда за големо реми 28:28!

Фантастичен ракометен спектакл во Охрид, исполнета сала, две навивачки групи и драма до последната секунда – Охрид и Пелистер одиграа нерешено 28:28 во натпревар кој ги оправда очекувањата на љубителите на ракометот.
Домаќините беа на чекор до голема победа. Доминик Мате со својот 11. погодок погоди на 30 секунди до крајот за предност на Охрид од 28:27, но Пелистер не се предаде.
Во последниот напад, битолчани го имаа последниот збор. Петар Атанасијевиќ во последната секунда успеа да го совлада голманот на Охрид и да донесе израмнување за конечни 28:28, односно голем бод за Пелистер.
Мате беше предводник на Охрид со 11 погодоци, додека кај Пелистер најрасположен беше Филип Кузмановски со 10 гола.
Посебна приказна беше голманот на Пелистер, Петар Атанасијевиќ, кој имаше неверојатен учинок од 8 одбрани од 8 удари, а на крајот токму тој се претвори во херој на битолчани со погодокот за реми.
Со оглед на развојот на настаните, Охрид ќе жали за пропуштената шанса за победа, додека Пелистер може да биде исклучително задоволен што во драматичен финиш успеа да избегне пораз.
Ова е ракометот што сакаме да го гледаме – полна сала, две навивачки групи, жестока борба и неизвесност до последната секунда.