Една недела без струја, вода и интернет се жителите на Чешиново во 21 век, бараат итно решение од надлежните

Една недела без струја, вода и интернет, без основни услови за живот во 21 век се жителите на селото Чешиново. Со свеќи, ламби и агрегати се снаоѓаат деновиве, а поради долгото немање струја им се расипуваат електричните апарати и храната во фрижидерите. Револтирани, велат дека проблемот се појавува со години, а и покрај новата трафостаница, состојбата не се подобрува.

„Ова се дешава со време. На пример, во месецот по пет дена немаме струја. Значи немаме струја, немаме вода, немаме ништо. Нема живот, нема. Тоа е. А сметките стигнуваат. И никој, никого не го интересира кој е како е. Мислам дека треба еднаш да се реши овој проблем, да се расчисти овој проблемот. Направија трафостаница нова. Ај, викам, ќе се подобри, уште полошо. Што е проблемот, јас не знам. Знаат институциите.“, вели Јанев

Не е проблемот само во Чешиново. И жителите од околните села се соочуваат со истите проблеми, а поради лошите услови луѓето и децата секојдневно се иселуваат. Во селото веќе нема првачиња, а велат дека догодина ќе се затвори и училиштето.

Градоначалникот вели дека проблемот е во застарената дистрибутивна мрежа, поради која и најмало невреме предизвикува прекини на струјата. Од ЕВН бара итна реакција и состанок со општината за трајно решавање на проблемот во сите населени места.

За проблемот се обративме и до ЕВН, од каде побаравме одговор зошто жителите со денови се без струја и кога се очекува да биде надминат проблемот. До моментот на емитувањето на прилогот, одговор од компанијата не добивме.

Иван Митев, М-Нет