Сиљановска-Давкова: Училиштето нека биде место каде што ќе стекнувате знаење, негувате почит, развивате другарство

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Охрид присуствуваше на свечениот прием на првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“, на кои им посака плоден и немирен ученички живот, воден од љубопитност, жед за учење и трагање по нови сознанија, здрав натпревар и заслужен успех.

Таа ги потсети првачињата, како најмлади климентовци, на природната охридска обврска врзана за Климент и Наум, најистакнатите ученици и следбеници на светите браќа Кирил и Методиј, да го чуваат и продолжат нивното големо просветителско и духовно дело. Затоа, посочи таа, учениците во училиштето што го носи името на Климент се „најклиментовите деца“.

Говорејќи за образованието како темел на личниот и општествениот развој, Сиљановска-Давкова истакна дека знаењето е најдобрата инвестиција во себе, бидејќи учењето не носи само поголемо разбирање, туку и самостојност, толеранција и способност критички да се размислува и дејствува.

Таа ги охрабри првачињата да прашуваат, да читаат и да пишуваат, да се борат не само за оценки, туку за знаење.

Претседателката укажа дека училиштето мора да биде пријатно, инспиративно образовно катче, безбедно место во кое секое дете се чувствува почитувано и прифатено, во духот на заедништвото.

Текстот Сиљановска-Давкова: Училиштето нека биде место каде што ќе стекнувате знаење, негувате почит, развивате другарство е превземен од МАКФАКС.