Почна 14 дневниот Богородичен пост – подвиг за исцеление и спасение

Со строг пост, молитва и силна вера во Бога, православните верници го започнаа 14-дневниот пост посветен на Пресвета Богородица. Овие денови се време на духовно очистување, смирение и молитва, но и можност верниците уште повеќе да се приближат до Бога. Во постот, молитвата има посебно место, а верниците со надеж се обраќаат кон Мајката Божја за помош, утеха и застапништво. Богородичниот пост е време кога верниците ја бараат нејзината закрила и благослов, особено во миговите на искушенија и страдања. Таа е радоста на нажалените, утеха и засолниште на немоќните, прибежиште на вдовиците и брза помошничка на сите страдални.

Богородичниот пост ќе трае до 28 август, кога православните христијани го празнуваат Успението на Пресвета Богородица – Голема Богородица. Во текот на постот, од понеделник до петок се пости без масло, додека во сабота и недела е дозволена употреба на масло. Риба се јаде само на празникот Преображение Господово, на 19 август. Постот, сепак, не е само воздржување од одредена храна, туку пред сè време за молитва, покајание, смирение и духовно приближување кон Бога.

Иван Митев, М-Нет