
Новиот второлигаш Еуромилк ГЛ е подготвен за предизвиците кои му следуваат за новата сезона во Втора лига, која стартува овој викенд. Тренерот Јован Трајков вели дека нивната цел е да бидат стабилни второлигаши.
„Ние како нов второлигаши нормално е дека првенствено сакаме да се стабилизираме во Втората лига меѓутоа ако ни се укаже шанса за нешто повеќе и нешто подобро ние се надеваме и на тоа. Првенствено е да се стабилизираме како стабилни второлигаши и во наредната сезона“, вели Трајков.
Тимот од Горно Лисиче сезоната ја отвара против Брера од Струмица, а тренерот Трајков вели дека фаворитската улога ја препуштаат на ланскиот прволигаш.
„Секако дека ќе ја респектираме екипата на Брера би ја препуштил фаворитската улога на Брера, нормално лански прволигаш, како тим што пред се има стабилна академија и вади играчи од својата академија, нормално надополнети со поискусни играчи. Сигурно е дека нема да отидеме со бело знаменце во Струмица, ќе си ја бараме својата шанса. Во припремниот период сум задоволен како играчите го изработија тој дел и мислам дека ќе биде тежок залак не само за Брера туку и за останатите екипи“, дополнува Трајков.
Ростерот на Еуромилк ГЛ е затворен, а во истиот има неколку нови засилувања, со што повеќе простор ќе им се дава и на младите играчи.
„Од самиот старт јас си направив некоја рамка дека имаме одреден период односно некаде на 5 август го затворивме ростерот. Мислам дека за нови засилувања ќе нема простор, мислам дека го затворивме ростерот. Имаме и искусни играчи и млади, мислам дека подобро е да им дадеме шанса повеќе на младите играчи“, заврши Трајков.
Минатата сезона Еуромилк ГЛ стана шампион во Трета лига – Север, а потоа во баражот славеше над Каменица Саса со што по долги години тимот се врати во второлигашка конкуренција.
Александар Ванев, М-Нет