Општина Аеродром: Се модернизира ООУ „Гоце Делчев“ – нови училници и топлински пумпи

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, заедно со својот тим, денес изврши увид во тековните градежни активности во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче, каде што интензивно се одвива доградбата на училиштето, како и во активностите за унапредување на системот за греење со топлински пумпи.

Во рамките на доградбата се гради целосно нов дел од училиштето, кој ќе располага со шест нови училници и две помали канцеларии. Со реализацијата на овој проект ќе се обезбедат дополнителни просторни капацитети и значително подобри услови за одвивање на наставата.

Паралелно се реализира и проектот за подобрување на системот за греење со поставување топлински пумпи, согласно со Меморандумот за соработка меѓу УНОПС и Општина Аеродром. Со проектот се опфатени ООУ „Гоце Делчев“, спортската сала и ЈУДГ „Буба Мара“.

Во досегашната фаза е изработена армирана бетонска плоча и поставени се топлинските пумпи, со што активностите за воспоставување на новиот систем за греење се во завршна фаза.

„Инвестираме во образовната инфраструктура затоа што сакаме нашите ученици да учат во современи, квалитетни и ефикасни услови. Доградбата на ООУ „Гоце Делчев“ и новиот систем за греење се конкретни инвестиции кои значат подобри услови денес, но и создавање подобра иднина за нашите деца“, истакна градоначалникот Митески.

Општина Аеродром продолжува со реализација на проекти насочени кон модернизација на училиштата и подобрување на условите за учениците, наставниците и целиот воспитно-образовен процес.

Текстот Општина Аеродром: Се модернизира ООУ „Гоце Делчев“ – нови училници и топлински пумпи е превземен од МАКФАКС.