
Дебитантот во Првата македонска фудбалска лига, Шкендија Арачиново, беше на чекор до историска победа, но Силекс успеа да извлече бод (1:1) во натпревар исполнет со возбудувања, ВАР-интервенции и големи шанси.
Домашниот тим поведе во 30. минута, откако по ВАР-проверка главниот судија Стојчевски покажа на белата точка. Одговорноста ја презеде Бесир Демири, кој сигурно реализираше за 1:0 и се запиша во клупската историја како стрелец на првиот прволигашки погодок за Шкендија Арачиново.
Во продолжението Силекс тргна по израмнување и создаде три одлични можности за гол, но блескаше голманот на домашните Антонио Столевски. Со неколку извонредни интервенции тој го зачува водството на својот тим и долго време беше најзаслужен што Шкендија Арачиново беше во предност.
Во 78. минута домаќините имаа идеална можност да го решат победникот. Фикрет Ливарека се најде во одлична позиција, но неговиот удар заврши во стативата, која го спаси речиси празниот гол на Силекс и ги остави гостите во игра.
Казната стигна шест минути подоцна. По уште една ВАР-интервенција, судијата Стојчевски досуди пенал и за Силекс. Есмир Хасукиќ беше сигурен реализатор од белата точка во 84. минута, поставувајќи ги конечните 1:1.
Така, Шкендија Арачиново го освои својот прв историски бод во елитното друштво, додека Силекс со гол во самиот финиш избегна пораз на незгодното гостување.