
Ланскиот прволигаш Пелистер ќе важи за еден од фаворитите во Втората лига за влез во елитата, а тимот за таа цел крои квалитетен ростер со кој би бил конкурентен. Последното засилување како што веќе објави М Нет телевизија е Благојче Спиркоски кој доаѓа од редовите на Охрид.
Прилепчанецот не го криеше задоволството бидејќи по пет години се враќа одново во Пелистер, притоа истакна дека со заедничка работа и поддршка од верната публика ќе дадат масимум да го вратат Пелистер таму каде што му е местото.
„Среќен сум што повторно, по пет години, се враќам во Битола. Овојпат ме очекува нов предизвик во Втората лига, но добро ја познавам фудбалската средина, клубот и навивачите и знам што се очекува од мене. Сакам да му се заблагодарам на стручниот штаб и на управа за укажаната доверба. Ќе дадам повеќе од својот максимум за да ја оправдам и со својата работа да придонесам за успехот на тимот. Верувам дека со моите соиграчи, со заедничка работа и со поддршката од нашата верна публика, која секогаш е со клубот, ќе успееме да го вратиме Пелистер таму каде што му е местото“ вели Спиркоски.
Пелистер новата сезона ја отвара на домашен терен против дебитантот Камјани, а стартот на сезоната е закажан за 15 август. Инаку, во новата сезона ќе можете да ги следите второлигашките возбудувања преку директни преноси на М Нет телевизија со што продолжува соработката со ФФМ.
Александар Ванев, М-Нет