Парното поскапе двапати за осум месеци, а Мицкоски пљачката ја прекрсти во „најниска цена во регионот“, обвини Левица

Во 2022 година, Мицкоски тврдеше дека поскапувањето на парното е пљачка на граѓаните, дека е последица на лоповлук и дека семејствата ќе плаќаат и до 120 евра повеќе годишно. Денес, кога Мицкоски е премиер, за само осум месеци им приреди на скопјани две последователни поскапувања – 5,9% од декември 2025 година и нови 5,96% од август 2026 година, односно кумулативно зголемување од приближно 12,2%, обвинија од Левица.

„Додека беше во опозиција, поскапувањето беше грабеж. Откако седна во премиерската фотелја, грабежот доби ново име: „минимална корекција“ и „најниска цена во регионот“. Очигледно, според енергетската доктрина на премиерот „енергетичар“, цената не зависи од трошоците и животниот стандард, туку од тоа кој ја контролира Владата. Кога сметките на граѓаните ги покачува ДПМНЕ, дури и тоа се обидуваат да го прикажат како е успех. Од декември, просечната сметка беше зголемена за околу 130 денари. Од август следува ново зголемување од околу 140 денари за стан од 60 квадратни метри. Наместо да го спречи вториот удар врз семејните буџети, РКЕ под раководство на Ацо Ристов (бизнис пријателот и сопартијец на Мицкоски) го прогласува за минимално поскапување, како граѓаните да треба да бидат благодарни“, велат од партијата.

Според Левица, посебно навредлива е тезата дека Скопје имало поевтино парно од Белград, Љубљана, Софија или Сараево.

„Македонскиот работник не зема љубљанска плата, не располага со белградски семеен буџет и не живее со софиски приходи. Платите на македонскиот работник се најмизерни во Европа! Тој живее во Македонија, каде што храната, домувањето, струјата, водата и греењето секој месец одземаат сè поголем дел од платата“, велат од Левица.

Од партијата наведуваат дека уште поскандалозно е што голем број домаќинства и понатаму ја плаќаат топлинската енергија преку распределба според квадратура, наместо според реалната потрошувачка во секој стан.

Левица бара Владата и РКЕ да ја објават целосната пресметка на новата цена – колку изнесуваат реалните трошоци, колку се признати трошоци според тарифната методологија и колкав е регулираниот приход; Владата да воведе автоматски механизам за заштита на домаќинствата со ниски приходи; Да објаснат зошто илјадници домаќинства и понатаму плаќаат според квадратура, наместо според реално измерена потрошувачка и да објават јасен план со рокови за воведување индивидуално мерење или распределувачи на топлина каде што тоа е технички возможно, за секој да плаќа според реалната потрошувачка, а не според квадратура како што бара Енергетската заедница.

 

фото/Depositphotos

Текстот Парното поскапе двапати за осум месеци, а Мицкоски пљачката ја прекрсти во „најниска цена во регионот“, обвини Левица е превземен од МАКФАКС.