
Реми со по еден гол на пријателскиот натпревар меѓу третолигашот Победа Валандово и второлигашот Осогово од Кочани, откако двете екипи одиграа 1:1.
Ова беше меч со цел да се увиди како оди подигањето на формата по стартот на летните подготовки, да им се даде шанса на сите играчи, но и да се виде како оди вклопувањето на новите засилувања во тимот.
Столе Наков постигна гол за третолигашот од Валандово, а пак за „жетварите“ од Кочани стрелец беше новото засилување Алекс Димитров.
Победа Валандово ќе влезе во речиси нов лик во новата сезона со големи промени во ростерот од ланската сезона, а освежувања ќе има и во тимот од Кочани кој го предводи Крсте Крстев.
Минатата сезона Победа Валандово беше шампион во Третал ига – Исток и играше бараж за Втора лига, но загуби во Штип од шампионот на Трета лига – Запад, Камјани, кој успеа да триумфира со 2:0 и обезбеди историски настап во второлигашката конкуренција.
Екипата на Осогово минатата сезона зад себе имаше одлични резултати откако заврши на високото шесто место и беше вистинско пријатно изненадување, што е најдобар резултат за „жетварите“ во последната деценија.
Досега тимот од Кочани се засили со Мартин Радуловиќ Величковиќ, Давид Бошески, Даријан Трајчов, голманот Симеон Стојковски, Ненад Малинов и Алекс Димитров, а тимот се раздели со Филип Димоски, Христијан Поп Антоски и Христијан Митревски.
Во следниот перидот и двете екипи ќе продолжат со засилувања, а новата сезона во Втора лига која започнува на 15 август, екипата на Осогово ја отвара во Струмица против Беласица.
Александар Ванев, М-Нет