Повик до граѓаните на Гостивар да достават информации за здравствени симптоми, резултати и евентуална претрпена штета

Невладината организација Новинари за човекови права ги повикува сите граѓани на Гостивар кои во изминатиот период почувствувале здравствени симптоми за кои сметаат дека може да бидат поврзани со состојбата со водата, да достават информации и расположлива документација до нашата организација.

Граѓаните може да достават:

опис на здравствените симптоми;
лекарски извештаи и медицинска документација;
лабораториски резултати;
сметки и докази за направени трошоци за лекување;
фотографии, видеа или други материјали;
информации за последиците кои ги претрпеле;
изјава доколку сакаат да поведат постапка за надомест на претрпена материјална или нематеријална штета.

Информациите и документацијата може да се испратат на електронската адреса: [email protected]

„Новинари за човекови права ќе ги собере, евидентира и анализира сите доставени претставки и, во согласност со утврдените факти, ќе преземе соодветни активности пред надлежните домашни институции, како и пред релевантните механизми на Обединетите нации за заштита на човековите права, правото на здравје, правото на безбедна вода и правото на здрава животна средина. Особено ги повикуваме родителите на деца, бремените жени, повозрасните лица, лицата со хронични заболувања и другите ранливи категории да пријават доколку имале здравствени проблеми или дополнителни трошоци поврзани со случајот“, велат од невладината.

Од таму истакнуваат дека сите лични податоци, медицински извештаи и останата доставена документација ќе бидат третирани доверливо и ќе се користат исклучиво за документирање на случајот, заштита на правата на граѓаните и евентуално поведување постапки пред надлежните институции.

Новинари за човекови права ги повикуваме институциите итно, транспарентно и целосно да ја информираат јавноста за причините, времетраењето и можните здравствени последици од настанатата состојба, како и да обезбедат одговорност и соодветна заштита за сите засегнати граѓани.

Текстот Повик до граѓаните на Гостивар да достават информации за здравствени симптоми, резултати и евентуална претрпена штета е превземен од МАКФАКС.