Брегалница го засили нападот: Филип Алексовски пристигна во Штип

Прволигашот Брегалница продолжува со формирањето на составот за новата сезона, а најново засилување во редовите на „сините“ е офанзивецот Филип Алексовски, кој пристигнува од тимот на Башкими.

26-годишниот фудбалер зад себе има одлична сезона во дресот на кумановскиот прволигаш, каде беше стандарден првотимец и на 31 натпревар постигна седум погодоци, покажувајќи ги своите голгетерски способности во елитното друштво.

Алексовски во Брегалница доаѓа како играч кој може да одговори на повеќе позиции во нападот. Може да настапува како централен напаѓач, но и како десно крило, а неговите најсилни карактеристики се играта „еден на еден“, брзината, промената на правец и чувството за простор пред противничкиот гол.

Во досегашната кариера, покрај Башкими, настапуваше и за Беса од Добри Дол, Кораб од Дебар и Македонија ЃП, каде ги стекна прволигашките искуства. За Македонија ЃП има освоено и две титули во Купот на Македонија.

Новиот фудбалер на Брегалница е и поранешен младински репрезентативец на Македонија до 21 година, а во Првата македонска фудбалска лига има запишано 121 настап, со 16 голови и шест асистенции.

Во Штип очекуваат Алексовски да биде важно офанзивно оружје во тимот и со своите квалитети да придонесе за остварување на амбициите во новата прволигашка сезона.

Брегалница сезоната во ПМФЛ 2026/27 ја започнува со гостување кај актуелниот шампион Вардар, во рамки на првото коло.

Александар Ванев, М-Нет