СДСМ соопшти дека најновиот Извештај на Европската комисија за владеењето на правото ги потврдува, како што наведува партијата, нивните предупредувања за системски притисок врз судството и обвинителството од страна на власта.
„Европската комисија го потврди она што го зборува СДСМ со месеци – Христијан Мицкоски и ВМРО вршат системски притисок врз судството и обвинителството, а корупцијата е неказнива“, наведуваат од СДСМ.
Според партијата, во извештајот Европската комисија нотира политичко влијание врз судството и обвинителството, предупредува дека измените на Кривичниот законик повторно создаваат простор за неказнивост и оценува дека независноста на правосудниот систем е сериозно загрозена.
Од СДСМ тврдат дека ваквата состојба е резултат на политиките на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека наместо независно судство, постои политичка контрола врз институциите и селективна правда.
„Европската комисија јасно порачува дека без вистинска независност на правосудството нема напредок кон ЕУ“, се наведува во партиското соопштение.
СДСМ повикува на одговорност и спроведување на реформите во правосудството.
Текстот Извештајот на Европската комисија покажува политичко влијание врз судството, вели СДСМ е превземен од МАКФАКС.