Застаре предметот против Латас, обвинителот се откажа од обвинението за „Тотал“, соопшти Кривичниот суд

Кривичниот суд денеска соопшти дека обвинителот се откажал од обвинението против Драган Павловиќ – Латас за случајот „Тотал“, во кој тој беше обвинет за даночно затајување. Од Судот наведуваат дека за Латас настанала апсолутна застареност на кривичното гонење.

„Ја информираме јавноста дека на 27 мај 2026 – та година, е донесена пресуда со која се одбива обвинението, откако надлежниот Јавен обвинител се откажа од обвинителниот акт во целост“, соопшти денеска Судот.

Појаснуваат дека во конкретната постапка, која се води од октомври 2017 – та година, обвинети се Д.П. – Л. како физичко лице, и три правни лица од Скопје, за кривичното дело Даночно затајување.

„Предметот неколку пати почнуваше од почеток заради промена на надлежноста на јавниот обвинител и преземање на предметот од едно во друго обвинителство, за на последното рочиште, надлежниот Јавен обвинител, во завршен збор да се откаже од понатамошно гонење на обвинетите. Имено, обвинителот, имајќи ги предвид наводите во вештиот наод и мислење најпрвин направил измени во обвинителниот акт, по што утврдил дека за две од обвинети правни лица во постапката, не се исполнети елементите кои го чинат законскиот опис на пријавеното кривично дело – Даночно затајување, додека за едно правно лице и обвинетиот Д.П. – Л. во меѓувреме настанала апсолутна застареност на кривичното гонење. Заради сето тоа, судот постапил согласно Законските одредби и ја донел наведената пресуда“, соопшти Судот.

Пресудата од 25 јуни е правосилна и веќе се изготвени решенија за трошоци на странките, а штом истата ќе биде анонимизирана истата ќе биде објавена на веб страната на судот.

Случајот „Тотал“ го отвори Специјалното јавно обвинителство во 2017 година. Случајот е за даночно затајување против Драган Павловиќ – Латас како сопственик на фирмите „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ. Обвинетиот се товари дека за даночните години од 2008 до 2015, со намера тој и правните лица да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давал лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјади евра, а физичкото лице за 63 илјади евра.

Текстот Застаре предметот против Латас, обвинителот се откажа од обвинението за „Тотал“, соопшти Кривичниот суд е превземен од МАКФАКС.