
Стартуваа активностите за поставување електрична инсталација и канделабри на патниот правец меѓу штипските населби Баби и Караорман. Овде е предвидена изведба на тротоарски површини, со што ќе се овозможи пешачко поврзување меѓу двете населби. Како што истакна штипскиот градоначалник Иван Јорданов, досега на оваа делница имало голем безбедносен ризик за пешаците и за возачите. Дополнително, тој вели дека се планира и делумно проширување на патот.
„Сакам да ја известам јавноста за активностите кои се преземаат од страна на Општина Штип на патниот правец помеѓу населбите Баби и населбата Караорман, или или помеѓу, поточно кажано, патниот правец кој ги поврзува двете општини – Општина Штип и Општина Карбинци. Овде, со години наназад, жителите кои транзитираат, го користат тој патен правец, секогаш имале барање првенствено за проширување на овој пат, дополнително и за уредување на тротоарски површини како и осветлување на на истиот. Општина Штип направи планирање на средствата со кои располага и веќе се започнати активностите, најпрво за поставување на електрика, за поставување на кандалабри, со коишто ќе се осветли целиот потег од населба Баби до населба Караорман, третирање на тротоарски површини, односно изведба на тротоарски површини на самиот дел кој ќе овозможи практично пешачка зона и пешачко поврзување на населба Караорман со населба Баби и со останатиот дел од од градот, нешто кое во минатото не беше случај. Имавме доста голем безбедносен ризик за сите учесници во сообраќајот и за пешаците, но и за управувачите на автомобили кои транзитираат и возат во овој дел.“, кажа Јорданов
За овие активности, од буџетот на Општина Штип се обезбедени 7 милиони денари. Со овие средства ќе се работи на поставување електрика, осветлување на потегот, третирање на тротоарите и асфалтирање на делот каде е предвидено проширувањето.
„И дополнително, она кое што го планираме како локална самоуправа е проширување, делумно проширување на на патот, затоа што согласно стандардите, овој патен правец има потреба од проширување за безбедно движење на автомобилите и користење на оваа сообраќајници.Вкупниот финансиски износ кој е обезбеден од парите на граѓаните, од буџетот на Општина Штип е 7 милиони денари, пари со коишто ќе се работи на овие три фази. А еве денес, како што напоменав, најпрво ќе се полага кабел, односно електрика, подоцна ќе се третираат тротоарите, ќе се осветлува потегот, за на крај се изасфалтира она проширување кое е исто така предвидено на овој патен правец.“, додава Јорданов
Јорданов подвлече дека се работи етапно, додавајки дека крајната цел на општината е да обезбеди соодветен сообраќај со можност за безбедно движење на пешаците и на возачит, како и соодветно поврзување помеѓу двете општини Штип и Карбинци.
Иван Митев, М-Нет