
Второлигашот Пелистер прави комплетен „ремонт“ во ростерот за следната сезона, битолчани се наметнуваат како прв фаворит за шампионскиот пехар и сигурно враќање во Првата лига што ќе значи експресен кам-бек во елитното друштво.
По назначувањето на Борче Христов за нов шеф на стручниот штаб, започна и процесот екипирање на Пелистер за следната сезона, а се носат искусни и проверени имиња.
Клубот најпрво ја продолжи соработката со неколку фудбалери од претходната сезона Кире Ристевски, Стефан Спировски, Натаниел Димовски, Јован Мрмачовски, Христијан Грозданоски, Христијан Стојановски и Габриел Крстевски, а притоа и претстави неколку искусни имиња, кои се повратници во битолскиот тим. Пристигна Мартин Мирчевски, кој се врати дома, Петар Љамчевски, Симеон Христов и Јорданчо Наумоски се исто така нови засилувања за тимот од Битола.
Во дресот на Пелистер следната сезона ќе бидат Данаил Тасев, Максим Славков и голманот Давид Илоски.
Вчера, шефот на стручниот штаб Борче Христов ја имаше првата прозивка со што Пелистер ги започна летните подготовки, а во рамки на истите ќе бидат одиграни и неколку пријателски натпреваро од контролен карактер за проверка на подигањето на формата на новата сезона која стартува на 15 август.
Битолчани дефинитивно ќе се наметна како главен и прв фаворит за шампионската титула, а новата сезона Пелистер ја отвара на домашен терен против дебитантот Камјани.
Александар Ванев, М-Нет