
Постелнини, играчки и други потребни работи денес беа донирани во Центарот за деца со аутизам од страна на претставниците на Здружението на инвалиди на трудот Штип. Претставниците на Здружението изразија огромна благодарност до актерите од Народниот театар ,,Ацо Шопов” Штип кои ја изведоа хуманитарната претстава како и до граѓаните кои биле дел од истата. Како што истакна претседателката на Заедницата на инвалидски организации Лидија Џамбазова, на овој начин нашата заедница станува поубаво место за живеење.
,,Денес, претставници на Здружението на инвалиди на трудот Штип сме во посета на Центарот за деца со аутизам каде донираме две катчиња постелнини, играчки и други работи за потребите на овие деца. Се надеваме дека овие работи и овие донации ќе им донесат радост на дечињата, ќе им помогнат во секојдневните активности и ќе им го направат поудобен престојот. Им изразуваме огромна благодарност на глумците од Народниот театар ,,Ацо Шопов” Штип, кои на наша иницијатива ја изведоа хуманитарната претстава и на сите наши сограѓани кои беа дел од истата. Заеднички ја овозможивме денешната донација, покажавме дека се грижиме едни за други, а кога љубовта, добрината и човечноста се наши вредности, нашата заедница станува поубаво место за живеење за секој од нас. Ви благодарам.”, рече Џамбазова
Овие донации ќе им донесат радост на дечињата, ќе им помогнат во секојдневните активности, но и ќе им го направат поудобен престојот. Со вредности како љубов, добрина и солидарност, како што велат од здружението, се покажува грижата за ваквите лица.
Иван Митев, М-Нет