
Општина Штип и Општина Карбинци деновиве ќе спроведат авионска дезинсекција против возрасни комарци, со цел намалување на нивната бројност во пресрет на летниот период.
Општина Карбинци информира дека третманот ќе се реализира на 10 јули, во периодот од 5 до 8 часот наутро, на површина од околу 300 хектари. Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени појасите долж реката Брегалница, оризовите полиња кај Крупиште, како и подрачјата покрај Таринска (Раданска), Козачка и Аргуличка (Црвулска) Река.
Од Општината апелираат до пчеларите навремено да преземат мерки за заштита на пчелните семејства, односно за време на третирањето и три до четири часа по неговото завршување да ги држат затворени кошниците.
Во случај на неповолни временски услови, односно врнежи од дожд, авионското прскање ќе биде одложено за наредниот ден.
Инаку, ваква авионска дезинсекција ќе се спроведе и на територијата на Општина Штип, како дел од редовните активности за контрола на комарците и заштита на јавното здравје во летниот период.
Дајана Сандева, М-Нет