Доброволните пожарникари од Штип и Карбинци ги демантираат тврдењата на Ангелов: „Не сме добиле ниту денар од ДЗС“

По денешната изјава од Штип на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, дека доброволните пожарникари добиваат надомест до 120 евра дневно кога по повик од ДЗС учествуваат во гаснење пожари, следуваа реакции од доброволните противпожарни друштва од Штип и Карбинци.
Од Доброволното противпожарно друштво Штип преку социјалните мрежи соопштија дека во изминатите две години, откако постојат, не добиле никаква финансиска поддршка од Дирекцијата за заштита и спасување.
„За вашата изјава дека секој доброволен пожарникар зема финансиски средства од Дирекцијата, ние немаме земено ниту денар, а веќе две години функционираме како доброволци. Големо разочарување е што давате лажни изјави на новинарите“, наведуваат од ДПД Штип.
Оттаму истакнуваат дека сите трошоци за функционирањето на друштвото, вклучително и одржувањето на возилата, опремата и горивото, ги покриваат самостојно, без финансиска помош од ДЗС. Воедно, побараа јавно извинување од директорот Ангелов, оценувајќи дека доброволните пожарникари заслужуваат почит и вистинито информирање на јавноста.
Со сличен став излегоа и од Доброволното противпожарно друштво „Баргала“ од Општина Карбинци. Тие соопштија дека во гаснењето на пожарите се вклучуваат исклучиво на доброволна основа, без какви било примања од Дирекцијата за заштита и спасување.
Од ДПД „Баргала“ посочуваат дека нивните активности се координирани од Општина Карбинци, која, како што велат, е единствениот поддржувач на друштвото.
Реакциите на двете доброволни противпожарни друштва доаѓаат непосредно по изјавата на директорот Ангелов, отворајќи прашања околу начинот на финансирање и ангажирањето на доброволните пожарникари при интервенции на терен.