
Младиот шаховски талент Лукијан Тенев бележи нови резултати и продолжува да биде гордст на градот под Исарот. Тенев на Плазма спортски игри за млади успеа да стигне до златен медал на државно ниво, што му овозможува сега настап на Меѓународно ниво во Хрватска.
Тенев на државниот натпревар во Скопје успеа во мајсторката да го добие шампионот на Македонија до 14 години што е потврда за големиот напредок на младиот штипски шаховски бисер.
„Јас сум многу задоволен со мојот успех. Прво почна на регионалниот натпревар каде што освои прво место, имаше многу конкуренција од цела централна Македонија имаше дечињата кои што играа и со многу добри резултати кои ги забележале во своите шаховски кариери. Ги победив сите, освен едно реми и се пласирав на државен натпревар, каде што исто имаше конкуренција, шампионот на Македонија до 14 години беше таму, кој што една го ремизирав и во мајсторката го победив. Со тоа освои прво место и ме очекува предизвик на Сплит, Хрватска да ја претставувам мојата држава“, вели Тенев во изјава за М Нет телевизија.
Пред Лукијан следува големиот меѓународен предизвик во Хрватска, а летото ќе го искористи за максимално да се подготви и достојно да ја претстави Македонија во Сплит.
„Јас уште повеќе ќе тренирам и вежбам за во Сплит. Сакам да направам успех таму да се подготвам убаво и да пробам да освојам прво место“, дополни Тенев.
Професорот по физичко образование и спорт, Антонио Киров, кој е тренер во младинската школа на шаховскиот клуб Нов Напредок од Штип, вели дека е презадоволен од резултати, успесите и напредокот на Лукијан.
„Од почетокот сме заедно сме заедно, јас сум презадоволен од неговиот успех и работа и што успеавме да дојдеме до државно ниво, а сега и пошироко да ја претставуваме Македонија надвор од границите на овие Плазма спортски игри за млади“, вели Киров.
Според Киров штом детето има талент и желба за работа, секогаш тоа води кон добри резултати.
„Штом детето има талент и има желба тоа оди во нагорна линија и се подобро и подобро. Бидејќи како дете и јас почнав како Лукијан да играм шах, потоа имав прекин, знам како одат тие работи. Но, со детето секогаш мора да има добар педагок за да има и успеси“, дополнува Киров.
Шаховската школа на Нов Напредок брои осум дечиња, но тој број според Киров верува дека ќе се зголемува, дополнува дека засега интерес има само кај момчињата, но се надева дека ќе има интерес и кај девојчињата. Вратите на шаховската школа на Нов Напредок се отворени за сите дечиња.
„Најмалата возраст е прво оддделение околу шест до седум години и тоа е најмалиот член што го имаме. Моментално се осум дечиња, но верувам дека во иднина овој број ќе се зголеми. Единствено очекувам интерес и кај девојчињата бидејќи моментално е многу слаб претежно е кај момчињата“, ни изјави Киров.
Пред Лукијан и неговиот тренер Антонио следува перидот на подготовки за предизвиците кои ќе им следуваат во Хрватска, а Штип, но и Македонија ќе бидат горди на нив.
Александар Ванев, М-Нет