Бесплатен спортско-едукативен камп за ученици од социјален ризик и талентирани спортисти од Кисела Вода

Талентирани млади спортисти и ученици од семејства во социјален ризик, утрово од општина Кисела Вода заминаа на летен спортско-едукативен камп во Охрид. Децата ќе престојуваат во одморалиштето „Детски радости“ во Свети Стефан, каде им се обезбедени шест полни пансиони, извести Општината.

За квалитетното исполнување на времето на децата за време на престојот ќе се грижи стручен тим составен од наставници, аниматори и рекреатори, како и лекар, кој ќе ја следи нивната здравствена состојба.

„Ми претставува посебно задоволство што денес ги испраќаме овие деца на заслужен летен одмор. Фокусот ни е насочен кон децата кои се во социјално ранлива положба, но и кон нашите талентирани спортисти, кои со својот труд и залагање заслужија да бидат дел од овој камп. Сакам сите да уживаат во летото, да градат нови пријателства и да се вратат дома со прекрасни спомени. Вложувањето во нашите најмлади останува наш приоритет“, истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска која утрово ги испрати учениците посакувајќи им среќен пат, безбедно патување и незаборавно летување.

Текстот Бесплатен спортско-едукативен камп за ученици од социјален ризик и талентирани спортисти од Кисела Вода е превземен од МАКФАКС.