„Тендери за невидливи пешачки премини“, ново истражување на Центарот за граѓански комуникации

Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за општинските тендери за бележење на пешачките премини. Истражувањето покажува дека избледените и речиси невидливи пешачки премини низ земјава не се случајност. Тие се последица на начинот на кој општините ги спроведуваат набавките за нивно обележување, велат од ЦГК.

„Анализата на тендерите покажува дека поголем дел од општините воопшто немале набавки за т.н. хоризонтална сигнализација на улиците во последните три години, а во многу случаи каде ваквите набавки се реализираат не се поставуваат јасни критериуми за квалитетот и за трајноста на бојата со која се бележат пешачките премини. Поради тоа, дури и таму каде што се трошат јавни средства за обележување на улиците, резултатот не секогаш се видливи и безбедни пешачки премини“, се наведува во истражувањето на ЦГК.

Клучни наоди:

  • Непостоечките и избледените пешачки премини, кои секојдневно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните, во голема мера се поврзани со начинот на којшто општините ги спроведуваат тендерите за нивно обележување.
  • Истражувањето открива дека за повеќе од половина од локалните самоуправи, конкретно за 46 од 81, во електронскиот систем немаат ниту еден тендер за хоризонтална сигнализација во периодот од 2023 до 2025 година.
  • Помали општини, имале тендер секоја година во анализираниот период, наспроти општини со значително повеќе население и сообраќај, кои бележеле само еднаш или двапати во истите три години.
  • Само дел од општините дефинираат конкретни стандарди и карактеристики на бојата, додека во голем број општини техничката спецификација е сведена само на два збора, „боја за патишта“, без никакви мерливи критериуми за квалитетот.
  • Без минимални технички барања за бојата, нема механизам за проверка колку време ќе трае набавената боја – а јавните пари се трошат без очекуваниот ефект.
  • Анализата на единечните цени открива ценовни разлики и до 4 пати. Бојата е купувана од 132 до 296 денари за 1 килограм, додека пак цените за услугите за бележење со бела боја и стаклен перлит се движат од 281 до 802 денари за м2.

Текстот „Тендери за невидливи пешачки премини“, ново истражување на Центарот за граѓански комуникации е превземен од МАКФАКС.