
Со реорганизацијата на Третата македонска фудбалска лига беше воведен шести регион, кој всушност е скопски регион со екипи кои гравитираат од главниот град на државата.
Официјално сите екипи и натаму не се познати, би требало во следниот период да биде познато кои екипи ќе се натпреваруваат, но оние екипи кои минатата сезона беа дел од Трета лига – Север и сигурно ќе настапат во Регион 1 за следната сезона веќе активно работат на трансфер пазарот со ангажман на нови играчи, односно тоа се екипи кои имаат отворени амбиции да се борат за првото место кое води кон баражот за Втора лига.
Мотивот кај дел од екипите со отворени амбиции лежи во тоа што сега третолигашите од шесте региони ќе се соочат меѓусебно во бараж дуелите, наместо како досега кога играат против второлигаши и имаа потешкотии да изборат пласман во Втора лига.
Екипата на БВК Коњаре која заврши на второто место минатата сезона сега има отворени амбиции да го напаѓа првото место и за таа цел претстави две засилувања. Се работи за Флорент Османи, искусен 38-годишен фудбалер кој зад себе има настапи во Борец, Вардар Неготино, Локомотива, Беса од Добри Дол, Струга Трим Лум, Гостивар, Еуромилк ГЛ, Влазерими, а меѓународна кариера градеше во Шари и Лириа во Косово.
Османи ќе биде главен адут на БВК Коњаре во остварување на целите за новата сезона.
Покрај Османи во БВК Коњаре пристигна и Метин Ќерими, кој доаѓа од редовите на струмичка Беласица, а беше дел и од Вардар Неготино, Победа, Шкендија Арачиново, Братство Житоше, Воскa Спорт, Братство Влазними и Скопје. Се работи за 23-годишен фудбалер од среден ред.
Екипата на Ржаничино промовираше неколку нови имиња, а пртиоа и ја продолжи соработката со неколку играчи од минатата сезона, со што се комплетира ростерот за новата сезона, во која овој тим ќе има високи амбиции.
Клубот ја продолжи соработката со Петре Тасевски, Огнен Здравковски, како и со капитенот Иван Мицевски, а пак беше промовиран Стефан Богдановски, кој низ кариерата беше дел од Тетекс, Скопје, Работнички, Борец, а во странство настапуваше за Трнава и Серед.
Александар Ванев, М-Нет