Димитриевски: СДСМ е партија во политички стечај, ликвидатор е Венко Филипче

Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, остро реагираше на новите обвинувања од СДСМ, оценувајќи дека раководството на опозициската партија повторно се обидува сопствените политички неуспеси и загубената доверба кај граѓаните да ги префрли врз други политички субјекти.

Според него, СДСМ наместо да се соочи со причините за падот на поддршката, континуирано бара виновници надвор од сопствените редови.

„Раководството на таа некогаш државотворна партија, која денес е сведена на ниво на ликвидација, во континуитет сопствените грешки ги бара во туѓите редови. Колку тоа ЗНАМ се распаѓа, најдобро гледаат медиумите и граѓаните на трибините што ги организираме низ Македонија, каде салите се премали да ги примат сите заинтересирани граѓани“, изјави Димитриевски.

Тој оцени дека денешното раководство на СДСМ ја довело партијата до состојба на политички стечај.

„За нив можам да кажам само едно – тоа е друштво во стечај, координирано од Струмица, а ликвидаторот е Венко Филипче“, рече Димитриевски.

Тој додаде дека најсилниот одговор на политичките напади е сè поголемата поддршка што Движењето ЗНАМ ја добива на средбите со граѓаните низ државата.

„Ние нема да се занимаваме со спинови и измислици. Ќе продолжиме да разговараме со граѓаните, да нудиме решенија и да работиме за европска Македонија со силни институции, национално достоинство и одговорна политика“, порача Димитриевски.

Текстот Димитриевски: СДСМ е партија во политички стечај, ликвидатор е Венко Филипче е превземен од МАКФАКС.