
Фудбалскиот клуб Беласица официјално го претстави Мартин Алаѓозовски како нов шеф на стручниот штаб на сениорскиот тим, доверувајќи му ја задачата да ја предводи екипата во претстојниот период.
Алаѓозовски зад себе има богато тренерско искуство, особено во работата со младинските категории, каде што остави значаен белег. Во текот на својата кариера работеше во младинскиот погон на Брера Струмица, освојувајќи повеќе шампионски титули и куп-трофеи со младите генерации.
Во 2025 година го направи и својот прв чекор во сениорскиот фудбал како шеф на стручниот штаб на струмичката прволигашка екипа Брера Струмица. Покрај клупските обврски, тој е ангажиран и како помошник тренер во младинските репрезентации на Македонија, што дополнително говори за довербата што ја ужива во македонскиот фудбал.
Негова препознатлива карактеристика е офанзивниот стил на игра, како и посветеноста во развојот на млади и перспективни фудбалери.
Од Беласица му посакаа топло добредојде и многу успеси на новиот предводник на стручниот штаб, со надеж дека заедно ќе бидат испишани нови успешни страници во клупската историја.