Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, е избран за вршител на должност претседател на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), кој ги обединува стопанските комори од регионот на Западен Балкан.
На седницата одржана во Белград, Република Србија, Азески беше едногласно избран со мандат да спроведе темелни корекции во структурата на КИФ и на Бизнис советот, составен од најголемите компании од регионот.
Во рамки на седницата беа донесени и повеќе одлуки, меѓу кои и иницијатива за изработка на студија за Регионален тренинг и сертификационен центар, чија реализација ќе биде поддржана од Германската развојна банка (KFW).
Азески зад себе има долгогодишно искуство во регионалното коморско поврзување – двапати ја предводеше Асоцијацијата на балкански комори, веќе 11 години е потпретседател на КИФ, а повеќе од две децении ја извршува функцијата претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.
Коморскиот инвестициски форум, со седиште во Трст, е основан во 2015 година во рамки на Берлинскиот процес, инициран од поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Форумот претставува глас на приватниот сектор во регионот, застапувајќи околу 350.000 компании од земјите на Западен Балкан. КИФ е формиран од шесте национални стопански комори од регионот, со цел унапредување на меѓусебната соработка и реализација на заеднички активности од интерес за бизнис-заедницата.
Текстот Азески е избран за в.д. претседател на Коморскиот инвестициски форум е превземен од МАКФАКС.